Home Прес Центар Новости 5 Јуни - потврда на третата опција

5 Јуни - потврда на третата опција

bscap0005Ова беше највалканата кампања досега. Конечно со оваа кампања транзициските политичари му покажаа на народот дека немаат што да му понудат. Не чувме ниту еден проект или решение како ќе ја извадат државата од  дереџето на која ја донесоа. Во оваа кампања летаа мајки, сопруги, пластични шишиња, станови, имоти, кој што украл или кој кого излажал. Така и доликува на двата мастодонти кои друго и немаат што да понудат.

Ако досега се мислевме што работат двете најголеми партии сега сме сигурни. Копаат по минатото едни на други. Наместо со понуда за тоа што нудат за иднината на овој народ, тие се занимаваат со самите себе. Така и докажаа дека тие се исти. Само завиткани во различни бои. Тие се една иста коалиција ВМРО – СДСМ. Тие имаат заедничка цел. Освен нив, никој друг да не постои во оваа држава. Затоа во меѓусебната поделба на историјата, на територијата, на народот, невладиниот сектор, на крај си ги поделија и медиумите. Си ги резервираа и запоседнаа како нивни сопствени. Видовме како најголемите ТВ станици А1 и Сител најбескрупулозно ја погазија слободата на говорот во Македонија.

Уште на почетокот на кампањата ние рековме дека ова не се избори за Никола или Бранко. Ова се избори кога Македонија треба да избере дали ќе продолжи да живее во транзиција или ќе избере демократија, дали ќе избере развој или ќе продолжи растурањето на државата.

Социјалдемократската Унија на овие избори излезе самостојно и храбро во сите шест изборни единици во Македонија и во Америка. Излеговме со јасна и концизна програма со единствена порака за крај на транзицијата и конечно Македонија да се сврти кон развој и демократија.
СДУ е единствена партија која понуди на овие избори одржливи решенија, а не популистички.

Во изборната кампања се жалеа различни партии на притисоци и закани. Но ние не сме плачковци и не се жалевме, бидејќи во овие три години навикнаме и отрпнавме од нив. СДУ ги трпи притисоците и заканите уште со самото основање. Но, ние не потклекнавме, колку и да не виткаа, не можеа да не скршат. Затоа ние не се пазаревме за овие избори со никој, немаме тајни пресметки и преговори, не одработуваме за никој друг. За разлика од полтроните кои 20 години не можат да излезат од џебовите на партиските шефови, ние излеговме сами. Беше тешко, не блокираа на медиуми, уништуваа постери, ни кинеа флаери. Се закануваа на нашите активисти и симпатизери на работа и дома. Сакаа да не дискредитираат навлекувајќи не во нечии транзициски шеми. Но, ние издржавме и не потклекнавме - бидејќи сме различни од нив.

Нашата работа на теренот беше уште помакотрпна. Но ние рековме дека ќе правиме единствено коалиција со народот. Во оваа изборна кампања видовме колку во Македонија и по толку време е тешко да водите партија без да му слугувате некому. Но, видовме и колку народот е гладен да види нова перспектива, идеја, проект и нови лица без товарот на транзицијата.

СДУ цела кампања ги прашуваше граѓаните едно едноставно прашање - дали ви се 20 години доволно? Сега, на истекот на кампањата ние сме уверени дека одговорот е – да, доволно се! Граѓаните сакаат една нова перспектива за себе и државата. Затоа и ги повикуваме да излезат масовно на 5 јуни и да го дадат својот глас за демократијата и развојот. За мирниот и спокоен живот.
Ние сме уверени дека третата опција ќе добие политичка потврда на овие избори. 5 јуни ќе биде третата среќа за третата опција, а ние сега на крајот на кампањата го даваме единственото ветување дека нема да ги изневериме граѓаните во демократската опција која ќе се верификува на 5 јуни.

 

Профили

webmail