Home Прес Центар Новости Македонија живее со системска грешка, наречена ВМРО - СДСМ

Македонија живее со системска грешка, наречена ВМРО - СДСМ

elenovski_press07.09.2010Пресконференција на СДУ на тема: “19 години потоа”

Најпрво на сите граѓани им го честитаме големиот празник Денот на независноста 8 Септември.

Пред 19 години кога беше формирана македонската држава оптимизмот, надежта, волјата за успех и очекувањата за една нова светла иднина беа огромни кај сите граѓани. Се оствари историскиот сон на македонскиот народ. Предизвиците пред нацијата беа големи, историски, но посветеноста да се гради држава и дополнително, демократска и европска држава, беше уште поголем мотив за граѓаните.

Прашањето што денес се поставува е каде сме денес што направивме и до каде стигнавме во реализација на сонот?

Денес,  после 19 години, Македонија сеуште не може да го оствари БОП којшто го имаше на крајот на 80-тите години на минатиот век. Денес Македонија е држава со најголема стапка на невработеност во Европа. Криминалната приватизација ја создаде најголемата армија во државата - армијата отпуштени од работа или стечајци, а по стапката на сиромаштија Македонија е поставена во друг континент не во Европа. Здравствениот и образовниот систем по бројните експерименти што им се случија во двете децении се уништени и во хаос. Социјалниот систем и правата на работниците се во состојба како да сме во фазата на најгрубиот капитализам. Функцијата на државата е целосно извитоперена, партизирана и поставена единствено во функција на олигархијата. Некогаш “оазата на мирот” или “лидерот на регионот”,  денес Македонија е во трка со Босна и Херцеговина да го заземе последното место во регионот.

Зошто ни се случи сето ова,  која е причината? Зошто не ги искористивме историските шанси? Зошто ниту една стратешка цел не остваривме за 20 години?

Одговорот е едноставен и убедени сме дека мнозинството граѓани го знаат зошто, а тоа е дека Македонија е заложник на црно-белиот свет на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои владееа со државата овие 20 години. Системот којшто тие го создадоа,  е единствената причина за денешната состојба во Македонија -  состојбата на национален пораз. Денес е повеќе од очигледно дека Македонија вака не може да продолжи. Дека Македонија живее со системска грешка која ја понижи овие дваесет години во секој поглед, а за следните дваесет претставува опасност по нејзината иднина.          

Нека ни е честит големиот празник!

 

Профили

webmail