Изјава на претседателот на СДУ, Лазар Еленовски за А1 телевизија25 август 2010 година
Од 107 милиони евра, со најновиот ребаланс на буџетот за 2010-та, воениот буџет падна на 99 милиони евра. Одземени се 8 милиони евра од Министерството за одбрана, а истовремено во МВР се додадени 11 милиони евра повеќе за трошење.
Финансирањето на програмата за унапредување на одбранбените и безбедносните активности за влез во НАТО со најновиот ребаланс е намалена за два пати, од 4.2 милиони евра на 2.2 милиони евра.
„Очигледно владата користејќи го тој елемент го загрозува функционирањето на армијата со драстичното намалување на воениот буџет. Од друга страна знаеме дека нема никакви последици по буџетот на МВР, напротив тој се зголемува“, изјави Лазар Еленовски.
Оваа година, АРМ има најголем број на војници во мировни мисии, вкупно 260, што се должи на зголемениот број на мировници во Авганистан.
Финансии за вработување на нови професионални војници нема. Скратениот воен буџет е доволен само за одржување на учеството во мировни мисии. Годинава, се набавија нови обувки за војниците, оклопни возила дифендер, абхо и комуникациска опрема и започнаа градежните работи за станови.
Владата го загрозува функционирањето на армијата
„Без континуирано вложување, стекнатата реформска кондиција лесно може да се изгуби, затоа во наредниот период потребно е да се зголемат финансиските средства наменети за армијата“, вели Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија.
Од друга страна, среде економска криза, полицискиот буџет се зголемува за 11 милиони евра, иако нема зголемени обврски на полицијата. МВР се уште не учествува во мисии во странство и тоа нема да се случи до крајот на годинава. Полицискиот буџет главно се користи за плати на над 12 илјади вработени и исполнување на шенгенскиот кодекс за гранично обезбедување.





