
Пресконференција на претседателот на СДУ, Лазар Еленовски
По прашањето на најбитната актуелна тема за Република Македонија, спорот со Република Грција за меѓународното име на РМ, деновиве јавноста е повторно сведок како Никола Груевски и Бранко Црвенковски продолжуваат со нивната пинг понг игра заради минорни политички поени.
Тие последните денови повторно се пресметуваат врз непостоечките проблеми на оваа држава, не нудејки никакви решенија ширејки какофонија и рушејки ги националните интереси со бескрајно одлагање на процесот и дебатирање во празно.
СДУ смета дека дебатата е заглавена и во насока да ја помести предлагаме за почеток да се отстранат стереотипите со кои е обременет процесот.
Препораката на СДУ е, пред се до надлежните институции, Владата на РМ и МНР во понатамошната комуникација наместо терминот ПРАШАЊЕТО ЗА ИМЕТО или name issue, да го користат терминот прашањето за МЕЃУНАРОДНОТО ИМЕ НА РМ. Тоа да биде и сугестија до меѓународните институции.
Македонија преговара во ОН за своето меѓународно име, за замена на референцата БЈРМ, не за уставното име. Од друга страна знаеме дека во ОН на преку 100 држави членки им се разликува уставното со меѓународното име.
На тој начин би се извршило едно суштинско прецизирање кое убедени сме дека ќе помогне и во внатрешната дебата но и во самиот процес.
Уставното и би додал историското име на државата е Република Македонија и тоа треба да биде нашата црвена линија.
Како СДУ уште еднаш повторуваме, прашањата за идентитетот и јазикот се прашања кои не се и неможат да бидат предмет на овие преговори, и се злоупотреба и манипулација од најголемите политички партии во државата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.





