Home Прес Центар Новости Пресконференција на СДУ-Хаос во здравството

Пресконференција на СДУ-Хаос во здравството

l.elenovski_07По повод Меѓународниот ден на здравјето – 7 април  Социјалдемократската Унија ја користи приликата на сите здравствени работници да им го честита празникот.
Притоа сакаме да се осврнеме и на состојбите во македонското здравство.
Во независна Македонија и покрај сите обиди и експерименти на владеачките гарнитури на ВМРО и СДСМ не се воспостави здравствен систем што функционира, што е ефикасен но и што има една социјална димензија која се грижи за граѓаните. И покрај тоа што изминативе неколку години се говореше дека имаме реформи во здравството кои буквално ќе доведат до решавање на сите проблеми, денеска се соочуваме со колапс на здравствениот систем.
Наместо да се учиме од грешките, правиме нови и нови грешки. Последните проблеми со набавката на инсулин во неколку болници во Македонија, со губењето на животите на бремени жени, со доцнењето на договорите за аптеките, со промената на системот на каптација и многу други примери само од последните неколку недели покажува колку е проблематичен здравствениот систем.

Во јавното здравство имаме севкупно незадоволство. Незадоволни и деградирани  пациенти, незадоволни лекари, незадоволен среден медицински персонал. Неизградени здравствени институции од една и мегаломанска позиција и функција на Фондот за здравствена заштита од друга страна. Недоволна обука на постојниот персонал и премалку инвестиции во опрема.

Едноставно бројни се проблемите и состојбата во јавното здравство без разлика дали станува збор за примарната, секундарната или терцијалната здравствена заштита најблаго може да се каже дека е хаотична.Социјалдемократската Унија како социјална партија во наредниот период ќе обрне посебно внимание на овој исклучително битен и елементарен сегмент на државата. Здравството е еден од неколкуте основни приоритети за секоја држава и општество и ние во Македонија конечно треба да му го дадеме вистинското место.

СДУ се залага за една хумана димензија на здравствениот систем во државата и во таа насока ќе понудиме еден заокружен модерен концепт на здравствена заштита.
 

Профили

webmail