Home Прес Центар Новости Пресконференција со иницијатива за измена на Изборниот закон

Пресконференција со иницијатива за измена на Изборниот закон

press13.02_mala Социјалдемократската Унија се приклучува на иницијативата на одредени политички партии за измена на изборниот закон. Притоа сметаме дека тие измени не треба да бидат козметички  туку суштински од повеќе причини:

Во независна Македонија 20 години владеат две политички групации и целиот систем е поставен за тие две партии. Ние нема да имаме ништо против тоа доколку тие работат како што треба за државата. Но денес тие се претворени во два транзициски мастодонти чиј примарен интерес е нивното политичко преживување во амбиент на транзиција, а не напредокот на Македонија. Иманентна нивна карактеристика стана жртвувањето на Македонија за нивните интереси. Затоа денес во Македонија како состојба владеат ниска политичка култура која ја креираат токму овие партии со нивниот вечен шпански сериал за замајување на јавноста, владее нивното племенско ривалство наместо вистинската политичка конкуренција, владее монополот ВМРО-СДСМ наместо плурализација на демократијата, владее строгата централизацијата на партиите и партизација на државата наместо внатрепартиската демократија и демократските принципи, владеат олигархиите наместо партиското членство и граѓаните. Со еден збор а има уште многу да се каже Македонија со нивниот начин на владеење е влезена во системска грешка и за тоа не треба многу да се докажува,  доволно е да се види мачната македонска реалност и да се констатира поразот од нивното владеење.

Затоа СДУ покренува иницијатива за измена на Изборниот закон, и  тоа само во две точки.

Прво, измена на Изборниот закон во делот на изборните единици. СДУ предлага една изборна единица на целата територија на земјата.
Оваква измена сметаме дека е единствената можност за вистинска плурализација на политичкиот живот во земјата. Тоа ќе им ја одземе нереалната политичка моќ на двете носечки политички партии во земјата, сеедно дали се на власт или не.

МАКЕДОНИЈА КАКО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА ќе им овозможи на гласачите да се определат за повеќе политички субјекти и ќе внесе дополнителен  квалитет на политичката понуда во државата.
Исто така, ќе придонесе останатите  партии, мегу нив и партиите на националните заедници, да не влегуваат по секоја цена во предизборни коалиции. Тоа ќе овозможи поразнолика слика во Парламентот и пореално претставување на граганите.

Конечно, гласовите што избирачите ќе ги дадат за останатите политички субјекти надвор од монополот ВМРО-СДСМ нема да се префрлуваат со Донтовиот модел на нивните политички конта со што ќе го продолжат нивното владеење.

Второ, се залагаме за демократската можност граѓаните сами да ги бираат своите претставници во Парламентот со тоа што би имале можност на партиските листи да ги одбираат сами кандидатите. Тое ќе овозможи граѓаните да ги одбираат пратениците а не само партиските лидери , ќе предизвика внатрепартиска демократија наместо сегасната состојба пратениците да се бираат по сервилноста и послушноста кон лидерот.

Само со овие две измени Македонија ќе добие нов лик, ќе заличи на реална демократија и природно ќе се ослободат нови сили кои многу поефикасно ќе помогнат во изградба на македонската држава и ќе придонесат за конечно извлекување од транзицискиот транс во коj се наоѓаат ВМРО и СДСМ, а со нив и Република Македонија.
 

Профили

webmail