Македонија повторно ја пропушти таа историска можност и сега ќе треба да чека уште една година за поканата, а уште најмалку две за полноправно членство.
Со ваква порака денеска се обрати на прес конференција лидерот на СДУ Лазар Еленовски, по повод денешниот состанок во Брисел, каде НАТО има самит на највисоко ниво и каде Алијансата ќе носи важни одлуки за нејзината иднина.
За Македонија денешниот состанок можеше да биде историски, бидејќи беше можност да се добие долгоочекуваната покана за членство, рече Еленовски.
На дневниот ред на состанокот е проширувањето. Меѓутоа, за жал, наместо да се зборува за членството на Македонија, ќе се зборува дали Босна и Херцеговина и Црна Гора, земји кои започнаа многу подоцна со процесот на НАТО интеграцијата, ќе го добијат во НАТО истиот статус како и Македонија, констатираше Еленовски.
Сакаме да го потенцираме фактот дека последните месеци во јавноста има целосно отсуство за прашањето на НАТО интеграцијата. Тоа прашање е целосно надвор од фокусот на внимание на целата политичка структура во државата без разлика дали станува збор за власта или опозицијата, забележа Еленовски.
Тоа е само уште еден доказ дека на македонската политичка сцена владеат површноста и дневната политика и каде во главната транзициска агенда на највлијателните политички субјекти, се подметнувањата и надмудрувањата, а не градењето на вистинските вредности и препознавањето на вистинските државни интереси, рече на денешната прес е конференција претседателот на СДУ Лазар Еленовски.





