Повод за денешната пресконференција на Социјалдемократската унија е тужбите поднесени од страна на МВР, за враќање на оштета за воените инвалиди и семејствата на загинатите бранители.
Јавноста е запознаена дека СДУ досега давала целосна подршка на барањата на бранители и тоа ќе го правиме и понатаму се до изнаоѓање на праведно и правично решение.
Македонија ја гледаме како социјална држава по примерот на европските држави каде посебно внимание треба да се води за загрозените групи граѓани, посебно во сферата на безбедноста каде што придонесот на секој граѓанин е неспоредлив со било која друга област.
Ако некој се жртвувал за својата држава, најмалку што може државата да му овозможи е одредена парична компезација. Целокупната ресоцијализација е многу поширок, покомплексен и поскап процес. Затоа тужбите ги гледаме како еден нехуман акт на државата кон своите граѓани и сметаме дека се грешка.
Затоа ги повикуваме Државниот правобранител и МВР како надлежни институции да се договорат за процедурата и изнајдат начин да ги повлечат тужбите. Доколку тоа не се случи СДУ ќе понуди правна помош до бранителите и се надеваме дека нивниот одговор ќе биде позитивен.
Прашање:
Господине Еленовски уште една група најави протести повторно се работи за луѓе кои работат во безбедоста, конкретно за професионалните војници. Вие бевте Министер за одбрана, зошто во вашето време не се реши овој проблем и кои беа чекорите кои вие ги направивте за да го решите овој проблем?
Еленовски: Најпрво точно дека станува збор за уште една група граѓани кои што учествуваат во безбедноста на државата, точно е дека тој случај стана актуелен кога јас бев Министер за одбрана, меѓутоа нашите принципи остануваат исти, оваа држава мора да се грижи за сите свои граѓани, како што реков, посебно во сферата на безбедноста.
Да ве потсетам, на моја иницијатива како Министер за одбрана и со согласност на Владата и на Парламентот беше донесен амандманот за продолжување на воената служба на професионалната војска од 35 на 38 години, како времено решение додека не се донесе новиот Закон за одбрана и Законот за служба во АРМ. Најпрво да потенцирам дека тие се законите кои што веќе неколку години егзистираат и со кои Македонија ги спроведе голем дел од реформите. Но очигледно се покажува фактот дека треба да бидат подложни на одредена ревизија и како такви се веќе две години во процедура на измени и дополнувања. До денес немаме конкретно сеуште никаков нов предлог во однос на тие закони, инаку целокупното решение за професионалните војници требаше да биде опфатено со тие закони.
Секако дека сум запознат со барањето на професионалните војници, знам и дека не се согласуваат со предлогот да одат во таканаречена активна резерва. Резервниот состав е нешто што беше во чекорите на Министерството за одбрана во поглед на вкупната реформа на нашите оружени сили. Ние после професионализацијата на активниот состав на војската, започнавме со подготовки за реформата на резервниот состав која што од неколку десетици илјади војници согласно новите стандарди требаше да доведе да имаме една активна навистина обучена резерва од две до двеипол илјади војници.
Сега добро е да видиме Министерството што точно предлага, кој е неговиот конкретен предлог, меѓутоа мислам дека тоа подразбира дека таа активна резерва ќе биде навистина активна, нешто како што е случајот со националната гарда во САД, каде што сите тие луѓе партиципираат во воените операции ширум светот. Кај нас станува збор за луѓе кои веќе ја изминуваат 40-та година и мислам дека сепак и во овој состав доколку се има предвид воената пирамида значи структурата на Армијата на РМ, таа може да апсорбира добар дел од нив. Но да го слушнеме конкретниот предлог на Министерството и ние ќе излеземе во јавноста со нашата позиција по тоа прашање.





