
Лазар Еленовски
Претседател на Социјалдемократска Унија (СДУ)
Прв Конгрес на СДУ 11 јули 2009 година, Скопје
Почитувани пријатели и сопартијци,
Почитувани гости на Првиот Конгрес на СДУ,
Дами и Господа,
Особена чест ми е да ви се обратам денес на Првиот Конгрес на Социјалдемократската Унија.
Пред една година кога се формиравме, ни прогнозираа дека ќе сме краткотраен проект, дека партијата ја правиме од инат или за да биде нечиј приврзок, но СДУ успеа да го создаде својот идентитет кој продолжуваме да го градиме.
СДУ почна како знак на слобода, на излегување од канџите на долгогодишните партиски шеми и меѓусебни пресметки. Ние покажавме дека не робуваме на стеротипите, дека гледаме напред во иднината и сме свесни за предизвиците кои Македонија ги има за идното опстојување.
Покажавме дека СДУ е партија со вистински граѓански концепт – која ги вклучува граѓаните од сите групи - етнички, возрасни, социјални, полови и верски.
СДУ се залага за вистинска изградба на мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот концепт на земјата – столбот за развој на демократијата во Македонија.
СДУ е млада партија. За една година од нашето постоење успеавме да создадеме 30-тина општински организации, создадовме цврста мрежа на граѓани, интелектуалци, млади, женi, од сите етнички групи во рамки на партијата. Членството секојдневно се зголемува.
За една година СДУ учествуваше и на локалните избори. Имавме десетина кандидати за градоначалници и 25 советнички листи низ државата. На помалку од пола од електоратот во државата освоивме 14 000 гласови и имаме 5 советници низ државата.
Резултатите од локалните избори ги сметаме за добар почеток.
Со оглед на времето на постоење на партијата, и јаката поделеност на македонската политичка сцена по етничка и партиска линија, успеавме да се етаблираме како еден од субјектите во македонската политика.
Почитувани пријатели,
Нашето време допрва следи, а вистинската работа допрва не очекува. СДУ пред себе треба да создаде цврста и солидна демократска партија која ќе цели кон изградба на здрава демократија во нашето општество, здрава конкурентна пазарна економија,држава на социјална еднаквост и правда, држава на благосостојба,поголема слобода на говор и поттик за поголема вклученост на граѓаните во развојот на општеството.
Денес, и по две децении, Македонија не успева да се издигне. Политиката владее преку лажните вредности на неморалот, манипулацијата, корупцијата и криминалот. Од друга страна сите суштински и стратешки прашања од интерес на државата и граѓаните сеуште остануваат нерешени.
Големото зло кое ги донесе сите несреќи во Македонија и под кое се научивме да живееме е транзицијата. И по две децении Македонија е сеуште неразвиена и земја во транзиција, која се соочува со основните предизвици на современото живеење: сиромаштијата, невработеноста, квалитетно образование, достапно здравство, преспориот економски раст и развој, здравата животна средина и слабата поврзаност со светот.
Креатори и менаџери на тој транзициски процес се двете политички партии кои го одбележаа целиот овој период од независноста - ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Поточно нивните раководства, бидејќи таму има и многу добри луѓе. Тие со години упорно му продаваат на народот магла држејќи го изолиран, осиромашен и понижен. Тоа го прават успешно, со манипулација, бидејќи само така можат да го сокријат вистинскиот резултат од нивната неспособна политика – националниот пораз. Дополнително се претставуваат како лев и десен пат, како некакви меѓусебни алтернативи. Сепак, во јавноста се зборува и за некаков трет пат.
Почитувани пријатели, нема трет пат, бидејќи нема ни прв ни втор. Нема ни лев ни десен пат. Се досега имаме само еден транзициски пат.
А тоа секако не е патот на СДУ.
Затоа на Македонија и е потребна демократска и единствена, уникатна политичка сила која ќе прекине со транзициските феномени и партизацијата на сите сфери на живеењето.
Денес на овој Конгрес потврдуваме еден политички процес, нова идеја и визија. Визија за иднината на оваа земја, визија која не ги двои луѓето, туку ги обединува. Идеја која не ги понижува ниту пак ги сегрегира граѓаните, туку ја втемелува рамноправноста и солидарноста во нашето општество.
Затоа СДУ е прва демократска партија, единствена политичка структура во Македонија цврсто поставена на граѓанскиот концепт.
И никако поинаку. Нашиот правец води кон интересите на сите граѓани на оваа држава, а не за различни групи или делови од неа.
Ние непоколебливо ќе ги втемелуваме вистинските вредности во нашето општество. Затоа и ја создадовме партијата, бидејќи нема друг начин да се спротивставиме на поразот на нацијата пред кој сме исправени и по 20 години. Поразот не можеме да го прифатиме поради нашите дедовци кои преку оружје и крв ни го донесоа највредното - слободата.
Но уште повеќе поради нашите поколенија и идни генерации кои треба да живеат во мир, демократија и благосостојба.
На граѓаните на Македонија им се потребни функционални демократски институции, достапно образование и здравство за сите граѓани, поголеми социјални бенефиции преку рамноправната дистрибуција на националното богатство, помош за забрзан развој на земјоделството и руралниот развој, поголема грижа на државата за граѓанинот и конечно развој на современо и глобализирано општество во кое владеат модерните технологии, обновливите извори на енергија и модерниот начин на живеење во чиста и организирана животна средина.
Евро-атлантските интеграции се нашиот основен приоритет. Ништо не е поважно од нив затоа што така се потврдува и нашиот идентитет и иднина. Ние не се прашуваме како другите кој е нашиот идентитет. Ние сме сигурни во себе. Знаеме што сакаме и како тоа да го оствариме.
А сакаме да ја видиме Македонија исправена, со крената глава, достоинствена. Да чекори рамноправно со другите европски народи по патот на демократијата и прогресот.
Со исполнување на овие цели Македонија ќе се покаже како функционална демократија, дел од светското семејство на демократии каде што и цивилизациски припаѓа.
Почитувани пријатели,
Пред една година кога ја создававме СДУ ви се обратив дека наместо да гледаме во сегашноста и минатото, треба да сме свртени кон иднината. СДУ има визија за иднината на Македонија. Нашата визија е за еднаквост, обединување и напредок. Спремни сме да го поведеме бајракот на слободата и демократијата бидејќи тој во Македонија е веќе 20 години на пола копје.
Убеден сум дека тој наш слободарски повик ќе го препознаат и ќе ни се приклучат сите демократски и авангардни елементи во државата кои се почесто притиснати од црно-белиот свет на транзицијата остануваат сокриени и замолчани.
За една нова иднина на Република Македонија.
Ви благодарам.





