Изјава на претседателот на СДУ Лазар Еленовски за "Утрински весник" 28.04.2009 година.Текстот го објавуваме во целост.
Кастрењето на парите за АРМ ги загрозува аспирациите за НАТО

Кастрењето на буџетот на Министерството за одбрана за 23 милиони евра ќе има директно влијание врз стандардизацијата и опремувањето на АРМ, предупредуваат познавачите на оваа материја. Според нив, ова ќе значи директна атака врз основната функција на Армијата, а неисполнувањето на стандардите на НАТО ја загрозуваат интеграцијата на земјава во Алијансата.Со ребалансот на армискиот буџет најголемо кастрење на средствата е направено во опремувањето и модернизацијата на АРМ, каде што од претходно проектираните 943 милиони денари, износот се намалува на околу 333 милиони. Средствата, пак, наменети за зголемување на борбената готовност на единиците на Армијата и постигнување интероперабилност со НАТО-алијансата, од претходно предвидените 650 милиони денари, се намалуваат дури на 164 милиони денари.
Ваквото огромно кастрење на средствата за АРМ сериозно го загрозува и утврдениот НАТО-стандард за учество од минимум 2,3 отсто од бруто-домашниот производ во Армијата и сега тој е симнат под два процента.
Министерот за одбрана, Зоран Коњановски, вчера не беше воопшто загрижен за тоа дека армиската каса во иднина ќе биде многу попразна, а со тоа и обврските што сме ги презеле за исполнување на НАТО-стандардите ќе останат нереализирани. Според него, со ребалансот се намалуваат буџетите на сите министерства поради кризата на економијата на државава.
„Од она што е намалено во Министерството за одбрана не гледам дека ќе има пречка за остварување на декларираните мировни мисии и обврски. Ќе работиме и понатаму на планот што е зацртан во почетокот на годинава“, изјави министерот Коњановски.
Но, кастрењето на армискиот буџет за поранешниот министер на одбраната, Лазар Еленовски, крајно е загрижувачко, бидејќи со овој тренд на постојано намалување на средствата на Армијата, Владата покажува дека за неа интересот за НАТО не е на потребното ниво.
„Со вакво огромно намалување на средствата за Армијата едноставно ги рушиме стандардите на кои сме се обврзале за исполнување на обврските за прием во НАТО. За жал, ова е продолжение на трендот на оваа Влада одбраната постојано да биде некаква жртва, а од каде што постојано нешто ќе се крати. Последниве две години средствата за Армијата драстично се намалени, а со овие дополнителни 17 проценти станува збор за преголема сума“, вели Еленовски. Тој смета дека сега Армијата ќе се сведе само за делење плата, а функционирање на одбраната е сведено на минимум.
Црвената линија за основните потреби во одбраната веќе одамна е помината. Опремата е застарена, потребни се набавки на нови оклопни и транспортни возила, тактички телекомуникациски систем, радари, хеликоптери и уште многу други средства потребни за нормално функционирање на Армијата. Меѓутоа, намалувањето средства во овој ребаланс најмногу го погодува токму опремувањето на одбраната, а со тоа и стандардизацијата со Алијансата.
„Не само што нема да можат да се реализираат основните потреби и се загрозуваат стратегиските проекти туку е загрозена и основната функција на Армијата да го штити територијалниот интегритет. На овој начин нема да можеме да ги спроведуваме своите обврски што ги презедовме кон НАТО и за ваквиот лош тренд неколку пати беше сигнализирано и од меѓународниот фактор“, истакнува Еленовски. Но, за него уште позагрижувачки е тоа што ова кастрење на буџетот нема да биде последно, затоа што имајќи ја предвид економската состојба во државата до крајот на годинава, не ни бегаат уште два ребаланса.
Од Министерството за финансии вчера не сакаа да кажат зошто толку се крати буџетот на одбраната. Портпаролот Мартин Мартиновски само рече дека сите ребаланси се направени во согласност со ресорните министерства.
За нецели две години ова е трето кастрење на армискиот буџет. При крајот на 2007 година од сметката на Министерството за одбрана Владата префрли 10 милиони евра на сметката на МВР, со објаснување дека средствата ги пренамениле поради тоа што Армијата не ги искористила парите. Минатата година пред изборите, кога се правеше ребалансот, повторно во одбраната најмногу се почувствува кризата.





