На ден 07.03.2009 година (сабота) кандидатот за градоначалник за Град Скопје на Социјалдемократската Унија Лазар Еленовски имаше средба со голем број на поддржувачи и граѓани во општина Чаир. Покрај Еленовски меѓу граѓаните беа и Проф. Д-р Ѓорѓи Тоновски, носител на советничката листа на Град Скопје, кандидатите за советници на Град Скопје и кандидадите за советници од СДУ за општина Чаир.
На присутните граѓани им се обрати претседателот на општинската организација, Љубен Велковски, носител на листата на советници за општина Чаир кој ја претстави програмата со која Социјладемократската Унија настапува на локалните избори.
На граѓаните исто така им се обрати и Проф. Д-р Ѓорѓи Тоновски а на крај на граѓаните на општина Чаир им се обрати претседателот на Социјалдемократската Унија, Лазар Еленовски, кандидат за градоначалник на Град Скопје. 
Во своето излагање Еленовски посебно нагласи дека се чуствува како свој меѓу своите, таму каде што го поминал своето детство и првите тинејџерски денови, како скопјанец кој ги знае и двете страни на Вардар. На присутните граѓани Еленовски им ги претстави клучните проекти за Град Скопје од неговата изборна програма, а ги сослуша и нивните проблеми и предлози за решавање на одредени прашања за подобро функционирање на Градот и општината.

По средбата со граѓаните Еленовски направи обиколка низ општината при што се сретна со голем број негови сограѓани, од кои многумина го препознаа од неговото детство, ги сослуша за проблемите на општината, го посети пазарот, неколку трговски објекти, општинскиот штаб на СДУ, како и локалната слаткарница.








