Home Прес Центар Колумни Демократија или транзиција

Демократија или транзиција

elenovskikolumnaКолумна во Утрински Весник од 31 мај 2011  година. Лазар Еленовски претседател на Социјалдемократска Унија.

Народот треба да избере дали сака демократија или модерно ропство, дали сака развој или продолжување на агонијата во која се наоѓаме

Не случајно е кажано дека во војната прва жртва е вистината. Тоа е токму така и со нашата изборна кампања, која е при крај. Бидејќи во Македонија се' уште така, како војна се подразбираат изборите. Како да се работи за живот или смрт. Но, не за народот и за државата, туку за политичкиот живот на политичарите. Тука нашите транзициски политичари се подготвени и државата да ја жртвуваат само да спасат гола кожа. Тоа, сум кажал многу пати досега, е и основната разлика меѓу демократите и овие транзициски политичари. Видете само на што ја сведоа кампањата двата транзициски мастодонта ВМРО – СДСМ, кои политичкиот простор, а со тоа и цела држава, го окупираа со нивните коруптивни финансиски средства и нивните моќни партиски медиуми. Иако се големи партии, тие и сега не се одлучија да настапат отворено и да се соочат со останатите, во идеи и во визијата за државата, туку со финансиската моќ и медиумите целосно го блокираат изборниот процес да биде фер и демократски. На сето тоа, нели, претходи и изборниот модел што им оди само ним во прилог, ДИК како нивен партиски орган, Советот за радиодифузија како нивен партиски орган и многубројните изборни процедури за кои секогаш ќе бидат чекор понапред од останатите во одлучувањето.

Во такви услови на транзициски монопол се случуваат изборите во Македонија. Нема апсолутно никаква дебата во јавноста. Од дуел бега власта да се соочи со своите политички противници, но е забележливо дека бега и СДСМ од сите други, освен од ВМРО-ДПМНЕ. Целата кампања ја сведоа на општење со своите членови на митинзите што си ги организираат влечејќи исти луѓе во исти автобуси. А тука можеш да истресеш секакви зелени и пак твоите да се смеат. Можеш да исплукаш кого сакаш и твоите да го исвиркаат и навредуваат противникот.

Досегашниот тек на кампањата помина со навреди и клетви. Не слушнавме ништо конструктивно што планираат да направат, како да го вратат развојот и демократијата, кој е нивниот концепт за државата. Повторуваат некакви популистички фрази за зголемувања плати, пензии, проценти и намалувања даноци, осигурувања и слично. Кажуваат дека имаат 300 страници програма, 1.200 приоритети, но не го разбравме основното - кој е нивниот концепт за развој на државата! А тоа се објаснува на две-три страници.

Не се ни сомневам дека транзицискиот блок ВМРО - СДСМ воопшто нема никаков друг поинаков концепт освен нивниот испробан транзициски концепт. Тие не знаат што се демократија и вредности, ниту веруваат во нив. Да веруваа Македонија досега ќе беше многу понапред, а не последна во регионот. Имаа 20 години да ги решат стечајците, тутунарите, војниците. Здравството, образованието, судството. Ништо не решија и ја доведоа државата пред пораз, а граѓаните продолжуваат да ги делат, осиромашуваат и деградираат. Врвно лицемерство е кога ги слушаме како конечно ќе ги решеле стечајците и бранителите. Како ќе им помогнеле на хендикепираните и другите ранливи групи. И Македонија ќе ја граделе за да ја извлечат од мочуриштето во кое ја претворија. И во Македонија, која заеднички ја опустошија, ќе потече мед и млеко. Многу се храбри и грлести овие наши Милошевиќи и Младиќи. Пред своето стадо, најголемиот овен мисли дека е расен шарпланинец. Но, нека излезе надвор од него да се соочи со реалноста. И во демократијата, да се соочи со другите што го чекаат на мегдан. Морам во оваа прилика да ви признам, почитувани, дека во оваа кампања јас останав гладен. Гладен за концепциски судир со некое вмровче или Бранковче. Бидејќи бегаат и не сакаат да излезат од глувчешката дупка и да се соочат со противниците. Да се соочат, но не во плукањето кое им е доминантен партиски спорт, туку најпрво со нивниот резултат, а потоа и со идниот концепт и политики за развој на државата.

Забележливо е дека и двете структури, согласни меѓу себе и со своите партиски мегафони, веќе две недели го одмолчуваат главното прашање за иднината на Македонија, прашањето за името без кое нема интегрирање во Европа и во НАТО. Нема бран вработувања, инвестиции и европски животен стандард. Го одмолчуваат, бидејќи заедно се виновни за сите пропуштени шанси да се качиме на возот на интеграцијата и развојот.

Медиумите се посебна приказна во кампањата. Тие се шлагот на тортата во оваа кампања. Оние што ги гледаме како се претставуваат за бранители на демократијата го даваат главниот вкус за нивото на демократијата откако сами си ги погазија принципите за независност на медиумите и слобода на говорот. Станаа слуги на партиските шефови и нивните газди. Нивна партиска задача е да ја фаворизираат својата партија и ништо друго. Слободата на говорот ја заборавија. Не постои во нивниот светоглед. Затоа заборавија на новинарските правила и кодекси, а сите кои и малку се разликуваат од нивниот партиски интерес, ги блокираа.

СДУ, која три години издржа да не влезе во нечија орбита, не е посакувана ни од едните ни од другите. Бидејќи ние сме различни од нив. Се гордееме дека не сме на страната на транзицијата, неморалот и на корупцијата. Младата партија се покажа како тврд орев против нивните налети. СДУ е вистинска трета опција, бидејќи за неа не се врзува партијата, туку идејата. Трета опција за конечно нешто да се смени во државата и да продре демократијата и развојот.

Но, затоа сме свесни дека нема место на нивните медиуми, макар што и да направиле. А правиме многу. Од почетокот на изборната кампања СДУ е секој ден на терен на средби со граѓаните. Мило ми е што народот позитивно пристапува кон промените и новите идеи. На народот му е смачено од црно и бело. Апатијата ќе исчезне до 5 јуни и народот ќе излезе и ќе гласа. И овој пат ќе избере нешто друго освен транзицискиот блок. Мора масовно да се излезе на гласање за да не се дозволи нивните партиски војски да и' го зададат конечниот удар на демократијата. Како што кажав и во почетокот на оваа кампања, овие избори не се за Никола или за Бранко, туку народот треба да избере дали сака демократија или модерно ропство, дали сака развој или продолжување на агонијата во која се наоѓаме. Да и' ставиме конечно крај на транзицијата.

 

Профили

webmail