Нешто се случува. Олкава врева за можно решение на долгогодишниот спор со Грција никогаш до сега не се дигнала. Дури вака бучно не беше и после неуспехот во Букурешт. Нашиот државен врв со својот челичен став за двојна формула најверојатно е пред решение. Сигурно Грците попуштија и ја прифатија двојната формула. Нашиот челичен државен врв сигурно успеа да ги убеди или ги присили, дека не се во право, дека за нас компромис е двојната формула и тоа како знак на добра волја и добрососедски односи. Нормално, тоа го очекуваа и оние
преку 500.000 гласачи кои излегоа на предвремените избори и во стилот на референдум (кој ни предстои) ги поразија оние другите кои беа спремни на компромис (предавниците). Тоа и се очекуваше од Грците кога се свесни дека можеме да ги блокираме на патот кон сите цивилизациски вредности.
Да бидам сериозен, ситуацијата е далеку од комична. Челичниот државен врв ќе испорача решение многу поразлично од она што го нудеа на изборите. И тоа е добро за државата ни Македонија, но не ќе биде добро за државниот врв. Доколку насловот сликовито го замислиме или математички ги замениме вредностите, каде наковалната = народот, чеканот = решението на спорот со Грција, ќе добиеме слика каде што искрењето од ударите (челикот е премногу крут да се обработува) ќе биде толку големо што може да предизвика не само кршење на
материјалот, туку и пожар во ковачницата.
Проблемот е сериозен, без разлика што власта мудро ја употребува претходно поставената логистика од “државникот” за постоење на црвена линија или подлата теза “името може, ама јазикот и идентитетот во никој случај”. Почитувани, црвени линии не постојат, бидеќи и никој не ги бара од нас. Барем така најново вели Нимиц.
Името најверојатно е решено поодамна, но во главите на челниците сигурно преовладува ставот дека мора да се створат услови, оние повеќе од 500.000 полесно да го проголтаат. И тука грешат. Огромен број од тие преку 500.000 ќе го прифатат новото меѓународно име без проблем, но нема да ја прифатат предизборната лага и за тоа ќе искри.
Ќе искри од принцип.
Оваа власт ќе победеше и без никаква кампања за спорот со Грција и тоа го тврдам. Огромен процент од гласачите веруваа во економската програма “Преродба во 100 чекори” и за тоа го дадоа својот глас, а не за челичниот (тврдиот) став во однос на името.
Напротив, мечкината услуга која си ја направи опозицијата, објавувајќи видео снимка од тогашниот Министер за одбрана Еленовски, каде на седница на ЦО на НСДП (на која бев лично присутен) во контекст на мотивот зошто треба да се оди со СДСМ на избори (главниот адут за лузерскиот потег беше “непопусливоста на Премиерот во однос на спорот”), изјави дека Премиерот во Букурешт прифатил компромис, на актуелната власт и ги донесе гласовите кои ќе останеа дома. Имено, после таа изјава актуелната власт ги доби гласовите од оние кои
сакаат негетоизиран економски развој (ако воопшто е можен и поинаков во 21 век). После таа камикази-кампања на опозицијата, оние нехипнотизирани граѓани кои ја разбраа пораката, добија надеж не само за економски развој, туку и за евроинтеграција на Македонија, па излегоа на избори.
Не добивме ништо (за тоа во друга прилика). Но пустиот страв, случајно да не се изгубат и зиcер избори, водачите ги тера на небулозни кампањи и пароли ....Трст не го даваме... Името не го даваме... Се сеќавате на големата измама “ќе запослиме еден од фамилија”... Непотребна лага, иако изборниот резултат и без неа ќе беше идентичен.
Штета што денешниве не учат на туѓите грешки, па најверојатно ќе ги снајде слична судбина на претходно споменатите.
Кога велам штета, мислам за граѓаните.
Игор Димески - потпретседател на Социјалдемократската Унија





