Колумна во ДНЕВНИК од 20.06.2009 година.
Лазар Еленовски претседател на Социјалдемократска Унија.
Не постоеше човек во Брисел кој не ми кажа дека промената на нашето меѓународно име е единствениот преостанат услов за нашето зачленување во Алијансата. Големо мнозинство интимно ја поддржува Македонија, но реалполитиката е немилосрдна и потврдува две големи разлики меѓу Македонија и Грција, на наша штета, првата, дека тие се внатре, а ние се' уште сме надвор и второ што во дадената ситуација, нам ни се брза, не на Грција
Бурната недела, по не знаеме кој пат од независноста до денес, за прашањето за името, овојпат со предложената, па повлечена резолуција за стратегија за името во парламентот и најновата дебата во јавноста во пресрет на продолжување на преговорите идната недела, повторно го даде истиот резултат - не за тоа што беше наменета, за врвните национални интереси туку за незрелоста, малодушноста и неодговорноста на политичките сили во државата претставени во македонскиот парламент. Тоа секако дека од т.н. водечки политички сили не е ништо ново бидејќи е воспоставен нивен стандард за политичко дејствување, кој го гледаме веќе две децении. А 15 години, колку што траат преговорите, ни се повторува истата манипулативна игра која власт и да се менуваше. Со единствен исклучок на самиот почеток, кога Глигоров во тој историски контекст мајсторски го изигра нашето меѓународно признавање со привремената референца како решение колку и да изгледа денес контроверзно. Тој чин си ја заврши работата тогаш, бидејќи друго решение тешко дека можеше да има, а ние го добивме толку важното светско признавање.
Никој не велеше, и до денес не кажа дека референцата треба да остане 15 години. Долги години нашата стратегија беше да глумиме преговори и да го купуваме времето дека тоа работело за нас. Статус квото беше и одлично решение за домашната сцена, бидејќи владејачките структури не требаа да направат никакви ризични потези што би го загрозиле нивниот рејтинг. И онака се' што беше лошо му се препишуваше на првиот претседател и како доказ за тоа познатата реченица дека привременото име е само за три месеци.
Тоа, така траеше скоро до пред две години, односно до моментот кога конечно Македонија по толку години дојде пред вратата за членство на една суштински битна институција каква што е НАТО. Значи како што беше пред 15 години со признавањето, сега сме исправени пред друг критичен момент како што е зачленувањето, кое секако ќе предизвика нови односи во организацијата која стратегиска се определила за проширување, но може и да не се добредојдени внатре за секого, како што и се покажа.Како да се преброди тој предизвик кој е од историска димензија за државата и за нацијата? Дали името е вредно за такво нешто - е една од повеќето манипулативни дилеми кои политичките елити ги сервираа?
Одговорот можеби е едноставен - со јака волја, искрена желба и оптимистичка строгост, што би рекол Сартр, или со други зборови позитивен реализам, но за жал не во македонскиот случај. Особено не во надворешната политика, област која е слабост скоро на сите досегашни власти поради иманентната инфериорност и незнаење, а често и несакање. Таа беше и е редовно оружје за манипулација на јавноста заради домашни политички поени, а некогаш служи и во лукративни цели. Надворешната политика денес, во период на глобализација, е еден од основните развојни елементи и е од огромно значење за секоја држава, особено за малите држави како што е Македонија. Тоа, нашите политички елити до денес го немаат сфатено, со исклучок на првиот и на вториот претседател на државата. Да се вратиме, значи стратегијата на чекање требаше во овие две години да се замени со стратегија на лидерство, проактивност и прагматичен реализам, да се постават работите какви што се и да се одредат приоритетите. Секако во услови на национален консензус.
И секако до тоа не дојде. Само последен пример е предложената стратегија во парламентот. Во суштина и таа е задоцнета бидејќи досега една сериозна нација мораше да има изградено заеднички став. Со единството дома и меѓународната позиција ќе ни беше зацврстена.Партиски мотивираната кратковидост продолжува да ги парализира сите напори да стигнеме, најпрво дома, до какво било решение. Нема консензус, нема обединување. На тој начин синдромот на неединство директно ги загрозува националните интереси на државата.Затоа и сега, во предвечерието на новата рунда преговори ништо не се знае. На претседателот на кој штотуку му започна мандатот ќе му треба одредено време, колку и да сме во временски теснец. Но, затоа се тука неговите советници кои ги искористија своите 5 минути да си ги кажат своите лични ставови, како тоа некого да го интересира, што и резултираше во дополнителна забуна во целиот конфузен имиџ што го создаваме околу нас.
Не знам што се' ќе измислат, генерално, и едните и другите, и власта и парламентарната опозиција, бегајќи од сопствената одговорност, но ќе ја искористам можноста реално да ја пренесам атмосферата од Брисел или конкретно од НАТО, при мојата последна посета во мај. Не постоеше човек во Брисел кој не ми кажа дека промената на нашето меѓународно име е нешто што сите оптимистички очекуваат да се случи и дека тоа е единствениот преостанат услов за нашето зачленување во Алијансата, како што впрочем беше потврдено во завршните документи на последните два самита на Алијансата. Притоа големо мнозинство интимно ја подржува Македонија во ирационалниот спор со Грција и го потврдува како таков, но реалполитиката е немилосрдна и потврдува две големи разлики меѓу Македонија и Грција, на наша штета, првата, фактот што тие се внатре, а ние сме се' уште надвор, пред врата, и второ што во дадената ситуација, нас ни се брза, не на Грција. Ние немаме време за чекање бидејќи се работи за нас и за нашата иднина. Затоа, тоа што приоритетно треба да го направиме е да ја исчистиме маглата на политиката и да влеземе свесно и целосно посветени за решение. Ние немаме што да изгубиме, можеме само да добиеме. Политиката е одговорна тоа да му го објасни на народот наместо да се караат, местат и клеветат за партиските интереси. А не дека треба нешто особено сложено да објасни, освен реалноста. Сега не се гледа, но кога маглата ќе се дигне сите ќе можат јасно да видат дека македонското сонце, исто така, свети врз нашето историско име, но свети уште појако врз нашата иднина и просперитет.





