
Секој што ќе се нафати на советничката функција, треба да знае дека, покрај градоначалникот и тој е репрезент на својот град.
Со години сте на јавната сцена во Охрид и Македонија. Бевте успешен новинар, работевте во најреномираните локални медиуми и медиуми од просторите на поранешна Југославија, а бевте и пратеник. Зошто сега се кандидирате за локална политичка функција и правите обид да влезете во советот на општината?
Јас сум сигурен дека правам повеќе од обид, што значи верувам во успех на изборите. Нема сомнение дека граганите ќе ми ја дадат довербата, бидејќи сите знаат колку јас можам да придонесам во унапредувањето на позицијата и работата на Советот. Ако ништо друго, нема да дозволам да се носат одлуки кои се срам за градот. Како вие денес можете да говорите дека сте потомец на еден Прличев, чие животно кредо беше " совршенство, или смрт", а некој, во ваше им е, да донел одлука дека, на пример, вие живеете на "улица Булевар Туристичка", или на " улица Булевар Македонски просветители". Тој некој, или не знаел да прави разлика помегу булевар, односно улица, или пак уште полошо - во едно име, измешал и машки и женски род. Тоа е срамота за Охрид.
Што се однесува до рангирањето. Навистина, деновиве, многумина ме прашуваат: дали советничка функција, е доволен ранг, во однос на мојата пратеничка, или други државни функции што сум ги извршувал?. Какви се моите одговори, односно кои се моите мотиви, за еден таков ангажман? Прво, јас сум бил советник, или со тогашниот јазик - одборник, уште пред 3 децении. Значи, не станува збор за желба за функција, туку за чувство на долг кон својот град. Станува збор и за едно претходно, стекнато искуство на локално ниво. Покрај одборник, еден мандат сум бил прертседател на Извршниот одбор на тогашната СИЗ за комунален развој на градот и тоа во времето кога се поставуваше капиталната сообраќајна инфраструктура на Охрид. Исто така, претседател на Матицата на иселениците во Охрид, на Советот за безбедност на сообраќајот.. Меѓутоа, многу позначајно од тоа е фактот што Охрид е многу повеќе од периферен град во внатрешноста. Ние мора да сториме се, од Охрид да направиме втора столица во земјата. Нешто, налик на Санкт Петерсбург во Русија. Градските советници во Охрид, да се чувствуваат подеднакво вредни како и пратениците. Во Загреб, на пример, дури и во терминолошка смисла, градските советници се - застапници, исто како и пратениците. Мислам дека и во Македонија, работите се движат во тој правец. Пратеници, поранешни министри, поранешни градоначалници ( дури и на Скопје ) и други авторитети, сега се на советничките листи. На пат сме да го избришеме јазот, односно да ги доближиме по привлечноста, или барем по одговорноста ( се разбира далеку сме од блискоста, во однос на парите и привелегиите ?! ) пратеничката и советничката функција. Во секој случај, за мене тоа не никаква навреда, напротив - чест и достоинство.
Носител сте на листа на СДУ. Како котира Вашата партија во Охрид, имате ли сондажа, колкав е рејтингот на СДУ во моментов ?
Сондажите се меродавни, само до степен да ве насочуваат - како натаму. Нашата партија, до овој момент, не правела сондажи ниту на централно, ниту на локално ниво. Ние сме млада партија, постоиме нецела година и наш приоритет беше да ја изградиме инфраструктурата. На 19 јануари, отворивме простории на седиштето во Охрид, имаме простории и кандидат за градоначалник и советничка листа за општина Дебрца. Лично за мене, не верувам дека правеле сондажи и другите партии, бидејќи,до пред неколку дена ,моето име не се појавуваше, како претендент за некоја функција. Сега, откако ја обнародив мојата кандидатура, работите ќе се променат и моето име ќе биде неизбежно во мерењето на партиските и личните рејтинзи.
Зошто не настапивте со свој кандидат за градоначалник ?
Одлуката беше спој на лична и партиска оценка, во раководството на Партијата, каде јас има висока позиција - потпретседател. Не само во Охрид, туку и воопшто, оценивме, фокусот да го ставиме на советите. Нашата стратегија се состои во тоа - да дојдеме до позиција, од која, или ќе ги насочуваме процесите во советите, со свои иницијативи, или ќе ја контролираме нивната работа. Дополнително во Охрид, аргумент повеќе за таквата одлука беше претходното искуство од градоначалничките избори - пред 8 години, кога се печатеа лични карти и се освојуваа гласови со калашникови - само да се обезбеди победа по секоја цена, или пак пред 4 години, кога полицијата упадна во гласачкиот материјал, наводно поради подметната бомба, а всушност, да се " испегла" еден очигледен фалсификат. Ако тоа на два наврати се повторува, која ви е гаранцијата, дека нема да ви се случи и по трет пат. Како висок раководител во Партијата, и приватно, како Веле Митаноски, не сакав да бидам дел од едно такво сценарио. Проценив, дека, за партиите - учеснички во претходните немили настани советничките листи се помал влог и натпреварот, во тој дел, нема да биде " од висок ризик" - ако се искажам со спортски жаргон.
Колку го следевте советот во заминување и што мислите за неговата работа?
Работата на Советот ја следев од медиумите или преку лични контакти со некои од советниците. Мислам дека печат и даваше претседателот, господинот Владо Чинго, добар правник и личност со завидно политичко искуство. Мислам дека Советот имаше резултати, на пример, во делот на урбанизацијата на просторот. Во основа, мојата оценка е позитивна, но во одговорот на првото прашање, јас кажав каков градски совет би сакал да видам, особено во Охрид.
Мислите ли дека во досегашниот состав на советот имаше луѓе какви што Охрид заслужува да има во градската власт и што би рекле за составот на другите листи? Има ли интелектуалци, луѓе кои ги знае јавноста, со свои кариери и идентитет или има луѓе кои се редат на листи колку да го пополнат бројот ?
Секако дека и во досегашниот состав, имаше поединци, кои се достоинство на градот и на партиите што ги предложиле. Правници, адвокати, лекари...Ако нешто не ми се допаѓа, тоа е несповоста на некои функции, односно очигледниот конфликт на интерес. Имено, не дозволиво е, во исто време да се биде и советник и прв човек на јавно претпријатие. Зашто доагате во ситуација и да си ги пишувате и да си ги оценувате, односно усвојувате извештаите за својата работа. Имаше два такви случаја и тоа не смее да се повтори во новиот состав.
Во вториот дел од вашето прашање, мојот одговор засега ќе изостане, бидејќи не ги знам составите на листите. Верувам дека партиите ќе ги дадат своите најдобри адути. Што се однесува до листата на СДУ, што јас ја предводам, таа е избалансирана и во поглед на стручноста и во националниот состав ( двајца Турци и еден Србин, покрај Македонците ), но и од аспект на територијалната застапеност. Уверен сум дека ќе биде атрактивна и прифатлива за гласачите.
Дали изминатите состави на советот ја деградираа функцијата советник ? Ако се знае дека последниот совет точно 5 пати имаше промена на мнозинството и советниците тргуваа со својот глас зависно од понудата и побарувачката?
Секој што ќе се нафати на советничката функција, треба да знае дека, покрај градоначалникот и тој е репрезент на својот град. А Охрид не е обичен град. Охрид е истовремено и македонско достоинство, наша, национална препознатливост во светот. Знам дека некои од партиите, на претходните избори, влегоа со едни ветувања, колку да дојдат до гласовите, а потоа спроведуваа, друга, многу практична, да не речам прагматична и од лични интереси, агенда. Да ве потсетам, на партиските соопштенија за урбаниот простор на старата автобуска станица. Но граганите знаат да го препознаат тоа, не се со толку кусо паметење и верувам дека ќе знаат кого да наградат, а кого да казнат на овие избори.
Каков е денес Охрид според Вас? Мислите ли дека градот се движи во вистинска насока на развој и просперитет или тапка во место?
Веќе реков дека Охрид би сакал да го видам пресликан во ликот на еден Санкт Петерсбур, или како втора македонска државна столица. Охрид ги има сите предуслови за тоа. Со својата атрактивност, славното минато...Прашање е како се менаџира градот. Ако некој мисли дека менаџирањето е само градба на станбени објекти, без притоа да се мисли на пропратната инфраструктуура, тоа е погрешен приод. Со таква политика, на Туристичкиот булевар, на пример, и по целата негова должина, ќе ви се преслика Големиот кањон од Колорадо. Со сите последици, по неговата микро клима. На Охрид му треба градска власт, пред се, градоначалник, со многу ентузијазам, со висока стручна наобразба и интелектуална поткованост, со познавање на неколку светски јазици, човек реализиран во својата професија, информиран за светските случувања. Човек, кој ќе застане " на иста нога" со дипломатите и државниците што доаѓаат тука и со својата култура и образование, ќе се носи со своите колеги од еден Дубровник, Загреб, Белград, или со градоначалниците од европските метрополи. Тоа е достоинството на Охрид. Кој тоа не го достигнал во својата лична изградба, срамота е и гревота, да претендира да биде "татко на Охрид".
Со години сте лево ориентиран политичар. Променивте неколку партии. Зошто го направивте тоа и дали мислите дека во Македонија постои социјалдемократска опција на политичката сцена?
Една мала исправка, ако дозволите. Јас не сум променил ниту една партија. Само една ја напуштив, по моја одлука и тоа од висока држава позиција - директор на Агенцијата за информации на Република Македонија, од која поднесов оставка на една година пред истекувањето на мандатот. Значи, од високопринципиелни причини. Тоа е прво. Второ, формирав две партии: НСДП и СДУ. Во првата бев Извршен комисионер, во втората сум потпретседател. И за двете јас ги напишав партиските програми и јас ги поднесов програмските реферати на основачките собранија. Значи не станува збор за "променување" туку за формирање - од почеток, од нула. Исто како што, од нула, сум формирал дописништва на Вечер, на Танјуг и на МИА, во Охрид, како што ја формирав информагтивната служба во Отекс, како што Радио Охрид, за само 6 месеци, го донесов од пожарната на градското корзо, како што го формирав Радоо Супер, во Охрид, Радио Пустец, во Пустец, Албанија...Малкумина знаат дека, бев првиот раководител на Канцеларијата за односи со јавноста, во Кабинетот на тогашниот премиер Бранко Црвенковски.
Точно е дека сум лево ориентиран политичар, непоправлив социјалдемократ, зашто сметам дека тоа е иднината на политичкото организирање и кај нас и во Европа. И тука има континуитет, конзистентност во мојата политичка активност. За прв пат, во партија сум зачленет, примен во СКМ- СКЈ, како војник, најдобар питомец на првата генарција од Пешадиската школа за резервни воени официри во Битола. За останатото веќе ви одговорив.
Мислите ли дека опозицијата ќе се консолидира и ќе се создаде партија или политички блок кој ќе може на избори во скора иднина да го загрози ВМРО ДПМНЕ?
Апсолутно сум уверен дека денешната опозиција ќе се консолидира. Не верувам дека тоа ќе биде во скоро време, но сигурно дека ќе се врати на власт. Денес опозиционите партии се со социјалдемократски предзнак, опозиционо настроена е и мојата СДУ. Во јавноста има забуни, со фактот што ние ја поддржавме владеачката партија на вонредните парламентарни избори. Но тоа беше во времето, кога имавме тројца наши министри во Владата, кога нашата пратеничка група беше во владеачката коалиција. Друго е прашањето што нашиот лидер тогаш со трепкачот покажуваше во лево, а возеше десно. Тука настанаа недоразбирањата и поделбите, всушност растурањето на НСДП. Но тоа е друга приказна.
Со години бевте новинар. Основавте некои од медиумите во Охрид и вложивте многу години работејќи во медиуми. Какви се денес медиумите во Охрид?
По вокација сум новинар, по образование дипломиран професор по македонски јазик и литература. Пишувањето ми е " во крвта" уште од основното, осумгодишно образование. Првите новинарски форми стојат забележани во тогашниот весник на охридската гимназија " Јужен бран", за потоа да зачестат во студентските и младински списанија, за време студиите во Скопје. По дипломирањето, мојата новинарска траекторија е доста специфична: од "новинар во здружениот труд" - така тогаш се нарекуваше ангажманот во гигантот што подоцна го раскрчмија - "ОТЕКС" ( билтен, весник, радиостаница...), преку локалните редакции ( директор на Радио Охрид и главен и одговорен уредник на "Езерски Глас" ), до најпрестижните редакции во Македонија ( дневникот "Вечер" и неколку неделници), потоа во тогашна Југославија ( ТАНЈУГ), и повторно преку самостојна Република Македонија (МИА), до светски редакции, од рангот на "Гласот на Америка", каде имав можност да завршам едномесечен курс по новинарство.
Новинарството ми е "друшка" 4 децении. Политиката, за мене била само своевиден излет, попатна станица. Дури и кога сум извршувал одговорни државни функции - 3 години директор на Агенцијата за информации на Република Македонија и 2 години пратеник во Собранието, не сум се одвојувал од професијата. Во првиот случај, функцијата во Агенцијата, дури и во суштинска смисла, беше новинарска ( веќе реков - еден период, паралелно ја раководев Канцеларијата за односи со јавност во Кабинетот на тогашниот премиер Бранко Црвенковски ), додека пак претеничкото време, мегу другото, го ползував, односно со новинарството ја одржував врската, преку колумните за најпрестижнките дневни весници во земјата.
За новинарството имам само најубави зборови, за новинарите од Охрид - исто така. Не е мал бројот на оние, што ја минале, ајде да бидам малку нескромен, "мојата школа". Било преку Радио Охрид, било преку Радио Супер. До новинар од висок ранг, се стигнува само преку атрактивни настани. Охрид изобилува со нив и затоа Охрид, отсекогаш, па и денес, имал и има, бројна и високо професионална медиумска заедница. Не е случајно што дури тројца новинари биле градоначалници, односно претседатели на Охрид. Затоа јас велам, Охрид, во многумина од нас новинарите се вградил, не задолжил и ние сме сега должни да му возвратиме за тоа. Тоа е еден од мотивите, ако не и основен, за мој личен ангажман во градскиот совет. Уверен сум дека граганите ќе ја препознаат искреноста во моите намери.




