Home Прес Центар Новости Пресконференција со иницијатива за прифаќање на Грегоријанскиот календар во РM

Пресконференција со иницијатива за прифаќање на Грегоријанскиот календар во РM

Билјана Попоска
После јануарскиот месец на празници, денешниот прес на Социјалдемократска унија е да потсети на една секогаш актуелна тема, а тоа е дали Република Македонија, односно Македонската Православна Црква треба да го прифати Грегоријанскиот календар и со тоа да се придружи на православните цркви, како и на најголемиот дел од христијанскиот свет кои веќе го имаат сторено тоа.
По однос на ова прашање во Република Македонија е потребна една поширока јавна дебата во која ќе се вклучат сите компетентни лица од стручната јавност, како и професори од богословските науки. Од контактите со бизнис заедницата се уверивме дека тие стојат зад ставот за промена на календарот, посебно поради фактот од вакум периодот од еден месец кој се создава за време на Новогодишните и Божиќните празници, кога буквално се замрени било какви активности од нивна страна.
Кога Република Македонија ќе влезе во Европската Унија ќе биде единствената земја која Божиќ го прославува на 7 јануари. Грција, Кипар, Бугарија и Романија одамна го сменија календарот и Христовото раѓање го слават на 25 декември.
Во суштина ова прашање не е судир помеѓу католицизмот и православието. Суштината е кој направил поточна астрономска пресметка, астрономот Созиген или комисијата на Папата Григориј Тринаесетти.
Нелогично е да го славиме почетокот на Новата година на 1 јануари според Грегоријанскиот и тоа во период кога нашите православни верници се во период на Божиќни пости, за да потоа го славиме Божиќ според Јулијанскиот календар.

Поради сето ова, како и поради фактот дека Грегоријанскиот календар е многу попрецизен и доцни во однос на астрономското време само еден ден на секои 14 400 години, додека Јулијанскиот кој моментално го користи Македоската православна црква доцни еден ден на секои 128 години, Социјалдемократска унија повикува на дебата во нашата држава по однос на ова прашање.
Современиот свет се обединува и интегрира во унија на економски интереси и врз база на демократски вредности и цели. Тие пак конституираат општествен амбиент во кој како демократска придобивка на граѓанинот – верник му се гарантирани верските слободи и права. Оттука, нема место за било каков страв за губење на дел од духовниот идентитет на нашиот народ.

Република Македонија е суштински дел од европската цивилизација и таа сите овие години минува низ тешки реформи. Социјалдемократска унија смета дека ова е уште една таква реформа со која ние треба да се соочиме што побрзо. Социјалдемократска унија ги повикува Македонската православна црква и Владата на Република Македонија сериозно да го разгледаат овој наш предлог.

Пресконференцијата ја водеше Билјана Попоска, член на Претседателството на СДУ.

 

Профили

webmail