СДУ е единствената граѓанска демократска партија во Македонија. За разлика од другите кои само ги делеа граѓаните, ние веруваме во обединување. За СДУ граѓаните на Република Македонија без разлика на етничката, верската, родовата припадност се основа на нашата политичка филозофија и вредносен систем.
СДУ е единствената партија во Република Македонија која од нејзината независност до денес, на локалните избори 2009 година се понуди на македонски, албански, турски, ромски и англиски јазик.
СДУ е партија отворена за секој граѓанин слободно да го каже сопственото мислење. Ние не веруваме во недемократски султан партии и остро се спротивставуваме на секаков обид да се попречи чие било мислење. Ние веруваме во демократија, а посебно во внатрепартиската демократија, и таа не смее да се централизира и автократизира.
СДУ е единствена нетранзициска партија во Македонија. Партија на обични, чесни, скромни и трудољубиви луѓе кои не учествувале во транзициските процеси кои ја опустошија државата.
За жал и по 20 години во Република Македонија транзицијата не е завршена, а со земјата владеат олигархиските транзициски и коруптивни структури изградени од едните, а надградени од другите кои себеси се нарекуваат „левица“ и „десница“.
Колку и да е тешко, ние, одлучно и храбро одбивме да не финансираат транзициските богаташи и корумпираат медиумските транзициски магнати.
За нас основна цел е да се стави крај на транзицијата. Ние знаеме како.
Секој жител на оваа земја има право да живее слободно, по свој избор и да донесува одлуки за себе.
СДУ е единствената партија во Македонија која верува во вредностите, а не во дневнополитичка хистерија и корупција.
Затоа, ние се залагаме за нов политички морал. Социјалдемократската унија не нуди политички демагогии, кавга и плукање како национален спорт. Ние нудиме стабилни решенија кои пред се ќе му донесат мирен и спокоен живот на секој граѓанин. Нашата понуда е практична и лесно разбирлива за секој граѓанин.
СДУ е единствена социјалдемократска партија во Македонија. Како современи европски социјалдемократи веруваме во пазарно-социјален државен систем. Пазарот и бизнисот треба да функционираат слободно, ефикасно и во поволен амбиент, но државата е таа која треба да го распредели националното богатство и доход и да овозможи функционирање на вредностите на социјалната правда, еднаквоста и солидарноста.
СДУ беше формирана како израз на слободарски дух од страна на лица кои сакаа да мислат слободно и да направат промена, кои гледаат напред, неоптоварени со хипотеки од минатото. Наместо демагогии и лажни ветувања, наместо измешани приоритети и парцијални решенија, ние нудиме единствен концепт за развој на државата.
Нашата визија за Македонија е визија за земја која е безбедна, развиена и демократска. Затоа и нашата Изборна програма 2011 има три клучни теми: Безбедност, Развој и Демократија.
На Македонија и се потребни национални, а не партиски стратегии, професионални кадри, а не кадри со дипломи од партиски штабови. На Македонија и е потребно секој жител да ја живее девизата „државата - тоа сме ние.“ Каква ќе ја направиме, во таква држава ќе живееме. А сите сакаме на нашите потомци да им оставиме безбедна, развиена и демократска Македонија. Само таква, обединета, може да успее.
Доволно гласавте против, овојпат гласајте за. Изберете опција која ќе понуди слобода на личноста и слобода на општеството. Вистинска граѓанска опција.
Ви благодарам на сите кои ни давате поддршка.
Со почит,
Лазар Еленовски
претседател




